Македонскиот медицински персонал е емоционално исцрпен, „прегорен” од работа и со ниско просечно ниво на задоволство од работата.

Почитувани членови ве известуваме дека Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ беше дел од дводневниот курс на Институтот за јавно здравје на тема „Здравје и безбедност при работа на здравствените работници: COVID-19 и нови итни ризици", а во рамките на Проектот на SEENWH беше дел и од курсот на тема: “Активности за јакнење на отпорноста на здравствените работници во ЈИЕ во одговор на КОВИД-19 и понатаму: Спроведување на насоките на СЗО/МОТ и мапирање на приоритетните потреби за програмите за заштита на здравјето на здравствените работници“.   

По завршувањето на овие работилници се изработи и дополнителен прашалник преку кој се увиде вистинската состојба на медицинските сестри во нашата земја, во поглед на синдромот на согорување.  

Македонскиот медицински персонал е емоционално
 исцрпен, „прегорен” од работа и со ниско просечно ниво на задоволство од работата.  


Во истражувањето се употребени страндардизирани и валидирани прашалници за синдромот на согорување, задоволството од работата и барањата и ресурсите на работното место.  

Емоционалната исцрпеност е една од димензиите на синдромот на согорување и просечното ниво во земјава е 24, за разлика од пред пет години кога било 17.  

Држави со висока емоционална исцрпеност се Босна и Херцеговина, Бугарија, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Хрватска.   

 


– Високите барања на работното место ја исцрпуват енергијата на работникот и доведуваат до негативен став кон работата и цинизам. Ресурсите на работното место се поврзани со висок квалитет на работните перформанси, поретко отсуство од работа и високо задоволство од работата – вели за „Слободен печат“ проф. д-р Драган Мијакоски, специјалист по медицина на трудот.  

Неговата препорака е да се овозможи работен контекст со доволно ресурси на работното место, што ќе доведе до ангажирани и задоволни работници, посветени на работните задачи.  

– Важна е позитивната организациска психологија. Да се погрижиме да има доволно медицински персонал и тие да добиваат правични плати. Медицинскиот персонал да се охрабри да побара помош кога е потребно. Здравствените работници треба да бидат вклучени во процесите на донесување одлуки и нови политики. Практикувањето самопомош е многу важно за здравствените работници бидејќи тоа е начин да се подобри самосвесноста и самосочувството – додава професор Мијакоски.  


Студијата е реализирана во мај, јуни и јули 2020 година,а во неа учествувале 802 испитаници од нашата земја. Координатор на активностите е Институтот за медицина на трудот во Република Северна Македонија и колаборативниот центар на СЗО во Скопје. Резултатите ќе бидат презентирани на 33 Светски конгрес на Меѓународната комисија за медицина на трудот во 2022 година, кој ќе се одржи на почетокот на февруари.