Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ официјално се оформи на 12-ти мај 2017-та година во големата кино сала на ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ - Скопје.
Главната интенција на здружението е конечно во Р.Македонија да се вреднуваат вистинските вредности на сестринството со една единствена цел, сплотување на сите здруженија во една комора, која ќе биде правен субјект и ќе ги застапува правата и должностите на сестринската професија, и ќе ги иплементира во здравствената политика.
„Ние медицинските сестри не сме ангели, но сме сигурно втората најубава работа по ангелите“ е слоганот на ЗМСТАС – ЗА НАС, со кој се поканува целата сестринската фела од Р.М, и останатите добронамерници да пристапат кон здружението и да ја дадат својата поддршка.
Истата година на 18.07.2017-та година се одржа состанок на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушерки. Присутните, меѓу кои беа и преставници од здруженијата „Славјанка Влахчева“ - приватен сектор; „Флоренс Најтингејл“ - Тетово; Сојуз на здравствени работници - Тетово; Здружение на КЗРМ; преставници на акушерките од Специјалната болница - Чаир; Здружение на медицински сестри и лаборанти - Гостивар и сите координатори - членови на здружението „За нас“... на состанокот донесоа одлука за формирање на УНИЈА НА ЗМСТА.
За координатор на Унијата беше предложена и едногласно изгласана м-р Горданка Бешлиовска, која воедно е и координатор на ЗМСТАС - ЗА НАС и главен иницијатор за формирањето на Унијата како чекор до крајната цел - формирање на комора.