УСПЕШНО ОДРЖАН ПРВИОТ СИМПОЗИУМ НА ДРУШТВОТО НА НЕФРОЛОШКИ СЕСТРИ И ХЕМОДИЈАЛИЗА ПРИ ЗМСТАС „ЗА НАС“ ВО СТРУГА

Под мотото „Современи пристапи и предизвици во нефрологијата“, во Хотел „Дрим“ во Струга се одржа првиот симпозиум на Друштвото на нефролошки сестри и хемодијализа при ЗМСТАС „За Нас“, кој обедини реномирани стручњаци, медицински сестри, пациенти и институционални претставници со цел подигнување на свеста и унапредување на сестринската пракса во областа на нефрологијата.

Настанот беше официјално отворен со видео-презентација за активностите на здружението, по што следуваа инспиративни обраќања на м-р Гордана Бешлиовска, претседателката на ЗМСТАС „За Нас“, која го потенцираше значењето на сестринството како темел на здравствениот систем.

Во рамките на свечениот дел беа доделени благодарници за значаен придонес во развојот на нефролошката заштита на:

  • Д-р Јетмир Зиба, интернист-нефролог и директор на ЈЗУ Специјална болница за нефрологија – Струга,

  • Душко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на бубрежно болни пациенти „Нефрон“.
     



Настанот беше збогатен и со присуство на градоначалникот на Струга, г. Рамиз Мерко, кој исто така доби благодарница за поддршката на локално ниво, како и спец. мед. сестра Данијела Цвејиќ од Универзитетскиот клинички центар во Ниш, Србија, која го сподели своето регионално искуство.

Посебна плакета за животен придонес во сестринството ѝ беше доделена на медицинската сестра Снежана Пејовска, со 42 години посветена работа во одделот за хемодијализа – пример за хуманост и одговорност.



Симпозиумот понуди и длабоко емотивен момент со обраќањето на Бранкица Размоска, пациент на хемодијализа, која зборуваше за улогата на сестринската грижа во секојдневната борба на пациентите.

Со симболична промоција на логото на Друштвото, врачено од м-р Бешлиовска, и обраќањето на Алиса Абдулаи, претседателка на новоформираното друштво, официјално беше означен нов почеток во организираното стручно поврзување на нефролошките сестри во земјата.

Научно-стручниот дел вклучи актуелни и практични теми:
  • Градење на тимови во здравствената заштита – ДМС Верче Ѓонеска
  • Препораки за приклучување на хемодијализа и прва пункција на фистула – ДМС Лилјана Мукоска
  • Исхрана на пациенти на хемодијализа – МС Ардита Муртиши
  • Пулмонален едем кај пациенти на хемодијализа – Јована Велјаноска, ученик
  • Синдром на согорување (Burn Out) – м-р Гордана Бешлиовска
     



Дискусијата што следеше отвори простор за размена на искуства, прашања и идеи, а на крајот беа врачени:

  • Сертификати за предавачите и учесниците

  • Благодарници за прим. д-р Александар Попоски, д-р Шќљќим Мухареми, д-р Арсим Далипи, МС Пранвера Зиба и МС Розе Кочоска
     

„Овој симпозиум е јасен показател дека сестринството има моќ да обединува, инспирира и создава вредност. Нашата визија е континуирано унапредување, вмрежување и професионална еманципација на медицинските сестри, посебно во толку сензитивна и одговорна област како што е хемодијализата. Благодарни сме за секоја поддршка, учество и доверба.“


Настанот го водеше големиот хуманитарец и поддржувач на сестринската професија, Каролина Петковска.



Со голема посетеност, извонредна атмосфера и ентузијазам, симпозиумот заврши како високо професионален и емотивно значаен настан, кој претставува само почеток на нова ера во сестринската поддршка за пациентите со хронична бубрежна болест.

Пребарување

Категории

Актуелно

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА 4. МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС НА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ „СО ОБРАЗОВАНИЕ ДО ВЛИЈАНИЕ – МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ДВИГАТЕЛИ ЗА ПРОМЕНИ!“
04.6.2025
Со голема чест и задоволство Ве покануваме да земете учество на Четвртиот меѓународен конгрес на медицински сестри кој традиционално ќе се одржи од 3 до 5 октомври 2025 година во хотел „Дрим“ во Струга. Годинешното мото на конгресот е „Со образование до влијание. Медицинските сестри – двигатели за промени!“, тема која го отсликува значењето на конт
Види детали

Тагови

Архива на вести