Со посебна чест и гордост информираме дека денеска свечено е отворен 18от Меѓународен конгрес на Хрватското друштво на медицински сестри/техничари од анестезија, реанимација, интензивно лекување и трансфузија (HDMSARIST) во Водице, Република Хрватска.

Конгресот започна со свечено отворање, кое се одвиваше во достоинствена и инспиративна атмосфера, благодарение на внимателно одбрани излагачи од различни професионални и академски средини. Прв поздравен говор одржа доц. д-р. сц. Адриано Фригановиќ, претседател на HDMSARIST, кој ја истакна важноста од меѓусебното поврзување и регионалната соработка меѓу здравствените професионалци.

Потоа со свои обраќања се претставија: д-р. сц. Марко Јелиќ, претседател на Шибенско-книнскиот округ; Александра Ацалин, директорка на Медицинското училиште во Шибеник; доц. д-р. сц. Сњежана Цукљек, продеканка за настава на Здравственото училиште во Загреб; доц. д-р. сц. Ката Иванишевиќ, раководителка на додипломските студии по сестринство при Факултетот за здравствени студии на Универзитетот во Ријека; Борис Илиќ, потпретседател на Alumni ZVU и претседател на Sigma Theta Tau International – огранок Alpha Alpha Gamma; Мелвудин Бабајиќ, претседател на здружението PULS од Босна и Херцеговина; Раденка Чираковиќ, претседателка на Здружението на здравствени работници од Лозница, Србија; Руди Коцевар, претставник на Словенечкото здружение на медицински сестри и техничари за анестезија, и Душко Стијеповиќ, претставник од Црна Гора. Секој од говорниците придонесе со силни и охрабрувачки пораки, нагласувајќи ја заедничката заложба за напредок и професионално зајакнување на сестринската професија во регионот

Меѓу говорниците на отворањето, свое обраќање имаше и м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на на Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија – „ЗА НАС“.
Со својот инспиративен говор, таа ја пренесе визијата и континуираната заложба на нашата Унија за професионално унапредување, регионална соработка и афирмација на сестринската професија на меѓународна сцена.

Во својата изјава, Бешлиовска истакна:
„Нашето присуство тука не е само симболично – тоа е резултат на континуирана работа, борба за достоинство и професионален интегритет на секоја медицинска сестра и техничар во Македонија. Благодарна сум што ЗМСТАС ‘ЗА НАС’ е препознаено како релевантен партнер во регионот. Заедничкиот јазик на сестринството е моќна алатка за градење подобро здравство за сите нас.“
Нашата делегација, составена од претставници кои активно придонесуваат во развојот на професијата, ги вклучува ДМС Илија Милошоски, член на Извршниот одбор на ЗМСТАС „ЗА НАС“ и ДМС Моника Јовановска, активен член на ЗМСТАС „ЗА НАС“.

Учеството на ЗМСТАС „ЗА НАС“ во програмата на Конгресот е препознаено како силен глас на македонското сестринство, симбол на посветената работа, професионализмот и амбицијата за подобра иднина на здравствените професионалци во Македонија.
Во рамки на Конгресот, м-р Гордана Бешлиовска оствари значајни средби со претставници на образовни институции од областа на сестринството од регионот, вклучително и говорниците кои се обратија на отворањето.

Таа активно учествуваше во стручниот панел посветен на темата „Здрава работна околина“, каде заедно со колеги од Црна Гора, БиХ, Словенија и Србија, споделија искуства и добри практики.
Воедно, ЗМСТАС „ЗА НАС“ имаше и свое излагање посветено на решенија и модели за унапредување на сестринската професија во Македонија, што беше топло прифатено и со интерес проследено од присутните.

ИЗРАЗУВАМЕ ИСКРЕНА БЛАГОДАРНОСТ до доц. д-р Адриано Фригановиќ, претседател на HDMSARIST, за срдечниот прием, извонредната организација и поддршката што ја дава за поврзување и напредок на сестринството на ниво на Југоисточна Европа. Токму преку ваквите настани се градат мостови на соработка, размена на искуства и поттик за заеднички раст.

„ЗМСТАС ЗА НАС“ – Амбасадор на македонското сестринство во Хрватска!
Нашето присуство е отпечаток на нашата посветеност, активности и визија за сестринство кое е стручно, гласно и препознаено – и дома, и надвор!
