По повод 12 Мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри, м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри ЗМСТАС – ЗА НАС, испрати честитка до сестринството во Република Северна Македонија и низ целиот свет. Нејзината порака е силна, инспиративна и повикува на професионална одговорност, заедништво и системски промени во корист на професијата и пациентите.
Во целост ја пренесуваме нејзината изјава:
„На овој 12 Мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри, како гласот на сестринството во Македонија, за сите системски и синдикални барања и решенија, испраќам честитка до сестринството во Македонија и на сите седум континенти, до сестрите ширум светот!
Најсрдечно порачувам и посакувам:
-
Медицински сестри свесни за својата важност и местото што го заземаат во здравствениот систем;
-
Медицински сестри кои ја бранат професијата со професионалност и образование, обединети и сплотени, а не марионети на секој систем и на индивидуални профитери кои ѝ штетат на иднината на сестринството;
-
Медицински сестри кои имаат автономност и признаени квалификации;
-
Медицински сестри кои знаат за што конкурираат и што се очекува од нив согласно со нивното образование;
-
Медицински сестри кои се авторитет во здравствените институции;
-
Медицински сестри кои не манипулираат со професијата заради лични привилегии.
Посакувам медицински сестри кои се таму каде што се носат одлуките, и систем во кој токму ние – сестрите – знаеме најдобро што е потребно за унапредување на професијата. Сето тоа со една цел: подигање на вредноста на пациентите!
Ова е наше време – за да дојдат подобри времиња!
Честит 12 Мај! Секогаш носете го сонцето со себе, затоа што ние сме светлината, надежта и вербата на нашите пациенти.
Бидете професионални мајки и дарувајте безусловно во професијата!
Медицинските сестри се родени ангели без крилја – а кога ќе станеме медицински сестри, тогаш ни растат крилјата.
Не сме ангели, но сигурно сме втората најубава работа по нив.
Ние сме богатство на нацијата.
Бидете медицинска сестра каква што би посакале и самите како пациенти!
Нека ни е честит 12 Мај!
Најсрдечно – до моето, до нашето сестринство!“