Со свечена церемонија во Големата конгресна сала „Славјанка Влахчева“ во Струга беше отворен V Јубилеен меѓународен конгрес на медицинските сестри „Грижа за оние кои се грижат за сите“, кој годинава има посебно значење бидејќи, покрај јубилејното издание, во негови рамки се одржува и I Национален самит на меѓународни и европски федерации, асоцијации и организации во сестринството.
Конгресот, кој се одржи од 2 до 4 октомври 2026 година, на едно место ги собра медицинските сестри, медицинските техничари, акушерки, стоматолошките сестри, здравствените професионалци, претставниците на здравствените институции, како и гости и претставниците на професионалните организации и здруженија од повеќе земји.
Свеченото отворање започна со впечатлив настап на Ансамблот „Македонија“, кој со своето влегување на сцената го означи почетокот на церемонијата. По најавата на водителот, беше интонирана химната на Република Северна Македонија, додека на големиот лед екран беа прикажани националните симболи.

Веднаш по химната, Ансамблот „Македонија“ продолжи со изведба на „Добро дошле китени сватови“, проследена со визуелна презентација на македонските убавини и Струга, со што свечениот дел доби и силен национален и културен карактер.
Во продолжение следуваше поздравување на присутните гости и претставници на институциите, федерациите, асоцијациите и професионалните организации кои учествуваат на конгресот.
Бешлиовска: Петтиот јубилеен конгрес е пресек на досегашната работа
Централно место во свеченото отворање имаше обраќањето на м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на Сојузот на ЗМСТАС на Македонија, предводен од ЗМСТАС „За нас“ на Македонија.

Бешлиовска го истакна значењето на петтиот, јубилеен конгрес како важна пресек-точка на континуираната работа на здружението во изминатите години.
„Овој петти, јубилеен конгрес за нас претставува значаен момент и своевидна пресек-точка на едно континуирано градење на професијата. Во изминатите години, ЗМСТАС „За нас“ реализираше голем број конгреси, симпозиуми, работилници, едукативни и хуманитарни активности, создавајќи простор за професионален развој, размена на знаења и искуства и поврзување на медицинските сестри и здравствените работници“, истакна Бешлиовска.

Таа посочи дека особено значење имаат партнерствата и соработката изградени со меѓународни здруженија, федерации и асоцијации, кои годинава добиваат нова димензија.
„Токму тие врски и заедничката работа годинава добиваат нова димензија преку одржувањето на првиот Национален самит на меѓународни и европски федерации, асоцијации и организации во сестринството. За нас, ова е повеќе од јубилеј. Тоа е потврда дека континуираната работа, едукацијата, соработката и вложувањето во сестринството создаваат можност македонската сестринска професија да биде дел од пошироката европска и меѓународна мрежа“, порача Бешлиовска.
Во текот на нејзиното обраќање, на екранот беше прикажана видео-презентација посветена на досегашните конгреси и активностите реализирани во изминатиот период.
Поздравни обраќања
од домашни и меѓународни претставници
Во рамките на свечената програма беше најавено и обраќањето на заменик министерот за здравство на Република Северна Македонија, г. Јовица Андовски, кој им се обрати на учесниците и гостите на конгресот.

Поздравно обраќање имаше и доц. д-р Адриано Фригановиќ, претседател на Европската организација на медицински сестри со специјализација – ESNO.

Посебно видео-обраќање до учесниците беше упатено од Џеки Роулс, извршен директор на IFNA.
Признание за д-р Анѓелка Јанкуловска
Во продолжение на свеченоста следуваше доделување на посебно овластување за Бренд амбасадор за регулатива, законодавство и образовен кадар на Сојузот на здруженија на медицински сестри и медицински техничари предводени од Здружението „За нас“ на Македонија. За оваа функција беше именувана д-р Анѓелка Јанкуловска.

Специјални признанија
за придонес во развојот на сестринството
Еден од најзначајните делови на свеченото отворање беше посветен на доделувањето на Специјална Повелба од прв ред за особен придонес во развојот на сестринството.
Во текот на најавата беа прикажани фотографии од досегашните добитници на медалот на конгресите, со што беше направен краток осврт на лицата кои со својот професионален ангажман дале значаен придонес во развојот на сестринската професија.
Меѓу истакнатите добитници беше претставена и диплмомираната медицинска сестра, Ирена Нечовска, која воедно е и претседател на здружението „Славјанка Влахчева“ кое исто така е дел од Сојузот на ЗМСТАС на Македонија.
Втората повелба беше доделена во рацете на медицинскиот техничар Мурат Хамити од Клиничката болница во Тетово.
Во рамките на церемонијата беше отворен и посебен момент посветен на наследството на Славјанка Влахчева, како едно од значајните имиња поврзани со македонското сестринство.
Во доделувањето на признанијата учествуваа м-р Гордана Бешлиовска и Михајло Филев, почесен конзул на Република Србија во Северна Македонија.
ПОЧЕСНА ПОВЕЛБА „СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВА“
ЗА М-Р ГОРДАНА БЕШЛИОВСКА
А токму кога се чинеше дека свечената церемонија ги достигна своите најзначајни моменти, следуваше изненадувањето кое никој од присутните не го очекуваше.
Организацискиот одбор на конгресот одлучи годинава да воведе посебен момент на благодарност и за првпат да додели Почесна Повелба „Славјанка Влахчева“ – признание со кое се оддава особена чест за исклучителен и долгогодишен придонес кон сестринството.
Добитник на првата Почесна Повелба „Славјанка Влахчева“ беше м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на Сојузот на ЗМСТАС на Македонија, предводен од ЗМСТАС „За нас“ на Македонија.
Признанието ѝ беше доделено како израз на благодарност за деветгодишното континуирано залагање, посветеност и работа во интерес на сестринската професија, како и за нејзиниот придонес во градењето на организацијата, развојот на едукативните активности, реализацијата на конгреси, симпозиуми и работилници, хуманитарните иницијативи и особено во воспоставувањето и развојот на меѓународните партнерства.
Овој момент доби дополнителна симболика затоа што признанието го носи името на Славјанка Влахчева, едно од имињата што оставаат трага во историјата на македонското сестринство. Првата Почесна Повелба „Славјанка Влахчева“ така останува запишана токму со името на м-р Гордана Бешлиовска – како признание за девет години посветеност, работа и градење на професионална визија за сестринството.
„Почесни медицински сестри“
признание за професионалниот придонес
Посебен дел од церемонијата беше посветен на прогласувањето и одликувањето на Почесни медицински сестри, како признание за долгогодишниот професионален ангажман и придонес во сестринската професија.
Оваа година добитник на признанието беше г-динот Михајло Филев, почесен конзул на Република Србија во Северна Македонија.
ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА
„Здрави здравствени системи – задоволни пациенти“
По завршувањето на свечениот дел, програмата продолжи со панел-дискусијата на тема: „ЗДРАВИ ЗДРАВСТВЕНИ СИСТЕМИ – ЗАДОВОЛНИ ПАЦИЕНТИ“
На панелот учествуваа претставници на здравствениот систем од земјата и странство:
Јовица Андовски, заменик-министер за здравство на Република Северна Македонија;
д-р Емил Стоицовски, медицински директор на „Жан Митрев Клиника“;
доц. д-р Адриано Фригановиќ, претседател на Европската организација на медицински сестри со специјализација – ESNO;
д-р Злате Мехмедовиќ, директор на ЈЗ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Козле;
примариус д-р Таше Трпчевски, Специјална болница за гинекологија и акушерство „Плодност“ – Битола;
м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на Сојузот на ЗМСТАС на Македонија, предводен од ЗМСТАС „За нас“ на Македонија.
Дискусијата отвори прашања поврзани со функционирањето на здравствените системи, улогата на здравствените работници, квалитетот на здравствената грижа и потребата од создавање услови во кои задоволството и безбедноста на пациентите ќе бидат поставени во центарот на здравствените политики.
V Јубилеен меѓународен конгрес на медицинските сестри оваа година, освен што претставува петто јубилејно издание, ја одбележува и досегашната континуирана активност на ЗМСТАС „За нас“ преку конгреси, симпозиуми, работилници, едукативни програми и хуманитарни активности.
Во исто време, конгресот ја отвора и новата фаза на меѓународно поврзување на македонското сестринство. Соработката со меѓународни и европски професионални организации, федерации и асоцијации годинава за првпат се обединува во рамките на Националниот самит, со што Струга станува место за средба, дијалог и размена на искуства на професионални организации од областа на сестринството.
Со свеченото отворање беше означен почетокот на тридневната конгресна програма, која продолжи со стручни предавања, дискусии, меѓународни средби и активности посветени на иднината на сестринството и здравствените системи.