На 12 мај 2026 година, во Домот на културата во Тетово, свечено и во силна атмосфера на почит, емоции и професионална гордост, беше одбележана Меѓународната недела на сестринството преку одржување на 9-тата Свечена академија по повод 5 Мај – Светскиот ден на акушерките и 12 Мај – Интернационалниот ден на медицинските сестри.
Настанот беше организиран од Сојузот на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, предводен од ЗМСТАС „За Нас“ на Македонија, со учество на бројни здравствени работници, институции, студенти, ученици и гости од целата држава.
Достоинствена манифестација во Домот на културата
со пораки за хуманост, професионалност и иднина на сестринството
Во рамки на програмата беше прикажан видео запис со хронологија на активностите и развојот на Сојузот во периодот 2024–2026 година, со што беше прикажан континуираниот ангажман за унапредување на сестринската професија, едукацијата и хуманитарните активности.
Обраќање на м-р Гордана Бешлиовска

Посебен акцент на настанот беше обраќањето на м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Сојузот на ЗМСТАС на Македонија, предводен од ЗМСТАС „За Нас“ на Македонија, која испрати силна, емотивна и инспиративна порака до сите присутни:
„Ова не е само свеченост, ова е ден кога зборуваме со срцето на професијата. Ден кога се гледаме едни со други не само како колеги, туку како луѓе што ја носат истата мисија – да спасуваат, да помагаат и да бидат поддршка таму каде што е најпотребно.
Горда сум на секоја медицинска сестра, на секој техничар и акушерка што секојдневно стои на првата линија на здравството. Вашата работа не се мери со зборови, туку со животи, со надеж и со човечност.
Оваа академија во Тетово е доказ дека сестринството има сила, има глас и има иднина. Ние не бараме привилегии — ние бараме почит, услови и достоинствена професија, каква што навистина заслужуваме.
Особено сум горда на младите генерации, на учениците и студентите кои се тука со нас — тие се нашата иднина и нашата најголема надеж.
И кога гледам сè ова денес, можам само да кажам: заедно сме посилни, и ова што го градиме има смисла.“

На свечената академија се обрати и Министерот за здравство, проф. д-р Азир Алиу, кој ја нагласи клучната улога на медицинските сестри како столб на здравствениот систем и важноста на дигитализацијата, модернизацијата и подобрувањето на условите за работа во здравството. Во знак на благодарност и почит, на министерот му беше врачена благодарница, проследена со симболично доделување на цветот ирис.

Свое обраќање имаше и заменик градоначалникот на Општина Тетово, д-р Биљал Касами, кој ја истакна посветеноста и хуманоста на медицинските работници и нивниот придонес кон здравјето на граѓаните. На Општина Тетово ѝ беше доделена плакета за соработка и поддршка.

Со свој поздравен говор големо внимание привлече и д-р спец. Ерзен Елези, директор на ЈЗУ КБ Тетово кој воедно и даде голема поддршка при организацијата на овој настан.
Посебно внимание привлекоа видео пораките од меѓународно признати експерти од областа на сестринството и интензивната нега, меѓу кои Џеки Роулс (IFNA), Доц. Д-р Адриано Фриганович (ESNO) и Кетлин Волман (WFCCN), кои упатија поддршка до македонските сестри и ја нагласија нивната глобална улога и значење.

Во рамки на свеченоста беа доделени признанија за најдобар ученик и најдобар студент за учебната 2025/2026 година. Признанието за најдобар ученик го доби Сара Спасевска од ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ – Битола, додека најдобар студент беше Бларина Пајазити од Универзитетот во Тетово.
Свечено беше прочитана и сестринската заклетва на македонски и албански јазик, како симбол на етичката и професионалната посветеност на идните генерации.
Еден од најемотивните моменти беше поздравувањето на пензионираните медицински сестри, кои беа пречекани со цвеќе и долг аплауз од учениците и присутните, како знак на благодарност за нивниот животен придонес.

Признание за најхумана медицинска сестра во пензија доби Милица Трпковска од ЈЗУ Клиничка болница Тетово, а постхумно признание беше доделено на Иле Гоцевски.
Дополнително беа доделени признанија за најхумана медицинска сестра за изминатата 2025 година на:
- Анита Ѓорѓевска – ЈЗУ Општа болница Куманово
- Валентина Угриновска – ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство Скопје
- Софче Поповска – ЈЗУ Општа болница Струмица
- Виолета Михајлова – ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ Скопје
- Виолета Пауновска – ЈЗУ Здравствен дом Тетово
- Лозана Коруновска Ојлеска – ЈЗУ Специјализирана болница „Св. Стефан“ Охрид

Колективно признание доби и Службата за Итна медицинска помош, кое го прими ДМТ Марјан Серафимоски од ЈЗУ Здравствен дом Тетово.

Во рамки на свечената академија беше истакната и долгогодишната и исклучително значајна соработка со Црвениот крст, како една од клучните хуманитарни организации во државата.
По повод 80 години постоење и континуирано хуманитарно делување, беше доделено специјално признание за придонес во заеднички активности, хуманитарни акции и поддршка на здравствениот систем.
Признанието беше врачено во знак на благодарност за сите заеднички иницијативи насочени кон унапредување на здравствената и социјалната грижа, како и за континуираната поддршка на медицинските сестри и здравствените работници во нивната хумана мисија.
Овој сегмент уште еднаш ја потврди важноста на партнерството помеѓу здравствените институции и Црвениот крст во градење на поодговорно, похумано и посолидарно општество.

Во рамки на настанот беа истакнати и хуманитарните активности, донацискиот штанд и изложбата на Славјанка Влахчева, кои ја нагласија солидарната и општествено одговорна димензија на сестринството.

Посебен впечаток остави и програмскиот дел со учениците од ОСМУ „Никола Штејн“ – Тетово, кои испратија пораки на 10 јазици, вклучувајќи и знаковен јазик, симболизирајќи единство, почит и хуманост.
Свечената академија заврши со заедничка фотографија и силна порака: сестринството е професија што не се мери со зборови, туку со срце, посветеност и човечност.

Искажуваме голема благодарност до нашите официјални партнери Ладна, нашиот креативен партнер UP28, поддршката од Астибо, општина Тетово и Центар за Јавно здравје Тетово.

Настанот го водеше нашиот голем поддржувач и хуманитарец м-р Каролина Петковска, која секој пат со задоволство е дел од големите настани кои ги организираме.