Хуманитарното друштво „Ивона Пешевска“ при ЗМСТАС „ЗА НАС“ и оваа година ја реализира традиционалната хуманитарна акција „Од сестрите за сестрите“, со цел поддршка и унапредување на видливоста на медицинските сестри во здравствениот систем.
Во изминатите години, преку оваа иницијатива беа посетени медицинските сестри во патронажните пунктови и службите за итна медицинска помош низ целата држава. Акцијата е насочена кон директна комуникација со медицинските сестри, препознавање и пренесување на нивните потреби, како и изразување благодарност за нивната секојдневна посветеност преку симболични предновогодишни подароци.
.png)
Хуманитарното друштво има за цел да испрати јасна порака за значењето на меѓусебната поддршка, солидарноста и професионалното единство меѓу медицинските сестри.
Друштвото го носи името на прерано починатата медицинска сестра Ивона Пешевска, која преку чинот на органодарителство, благодарение на одлуката на нејзиното семејство, овозможи спасување на повеќе животи и претставува пример за хуманост и општествена одговорност.
Хуманитарниот караван за 2025 година започнува на 24 декември во Клиничката болница во Тетово, продолжува на 26 декември во Старата градска болница УК „Св. Наум Охридски“ во Скопје, на 29 септември во ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ – Скопје, а завршниот настан ќе се одржи на 30 декември во Клиничкиот ургентен центар во Скопје.
По повод акцијата, м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“, изјави:
„Акцијата ‘Од сестрите за сестрите’ претставува континуирана заложба за поддршка на медицинските сестри и за укажување на потребата од подобри услови, поголема видливост и заедничко делување во рамки на професијата. Преку вакви активности ја потврдуваме нашата посветеност кон унапредување на сестринството.“
.jpg)
Хуманитарното друштво „Ивона Пешевска“ и ЗМСТАС „ЗА НАС“ и понатаму ќе продолжат со активности насочени кон поддршка на медицинските сестри и јакнење на професионалната солидарност во здравствениот сектор.