На 28 ноември 2025 година, во Конференциската сала на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, успешно се одржа Првиот симпозиум на Друштвото на медицински сестри од психијатрија при ЗМСТАС „За Нас“ на тема: „Современ пристап во грижата и лекувањето на пациентите од областа на психијатријата“. Настанот привлече голем број здравствени професионалци, кои преку размена на знаења и искуства ја зајакнаа меѓусебната соработка и улогата на психијатриската нега во современиот здравствен систем.


Симпозиумот беше свечено отворен од Проф. д-р Димитар Боневски, м-р Гордана Бешлиовска и ДМС Флурие Ибраими, кои ја истакнаа важноста од континуираната едукација и професионалниот развој на медицинските сестри во психијатријата. Во рамките на свеченото отворање беше претставена и официјалната промоција на Друштвото на медицински сестри од психијатрија, како нова струковна сила во подигнување на стандардите во грижата за менталното здравје.


Програмата продолжи со серија високостручни предавања, модерирани од ДМС Флурие Ибраими, ДМС Олгица Андовска и ДМС Рената Ајети.
Учесниците имаа можност да ги проследат следните теми и предавачи:
-
Д-р Бехије Нухиу – „Менаџмент на хиперпролактинемија предизвикана од антипсихотици“
-
ДМС Флурие Ибраими – „Депресија“
-
ДМС Ардита Османи – „Улогата на психијатриската медицинска сестра во третманот и рехабилитацијата на лицата со ментални нарушувања во рамките на центрите за ментално здравје“
-
Општинско средно медицинско училиште „Никола Штејн“ – Тетово – „Нега на пациентите во психијатријата“
-
Спец. МС Аријета Муца Мустафа – „Наркоманија“
-
М-р Гордана Бешлиовска – „Синдром на согорување (Burnout syndrome)“


По официјалниот дел, учесниците продолжија со неформална размена на искуства и вмрежување на коктел-собирот, во пријатна атмосфера што дополнително придонесе за поврзување на професионалците од различни установи.


Симпозиумот го водеше конференсиерот м-р Каролина Петковска, голема хуманистка и почесна медицинска сестра чија професионална модерација даде уште поголема свечена нота на настанот.

Изразуваме голема благодарност до сите кои учествуваа и потенцираме дека ваквите настани се од исклучително значење за развој на современи, етички и квалитетни практики во психијатриската нега.
