Со големо задоволство и професионална гордост, Унијата на Здруженијата на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри предводени од ЗМСТАС „ЗА НАС“ учествуваше на официјалното отворање на Меѓународните средби на дијализирани и трансплантирани пациенти од мрежата на југоисточна Европа SEEN Transplant, што се одржа на 26 септември 2025 година во хотел „Дрим“, Струга, во организација на Здружението Нефрон.

Нашата Унија, предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“ уште од своето основање негува блиска соработка со Здружението Нефрон и со сите институции кои активно придонесуваат кон подобрување на здравствената грижа за пациентите на дијализа и трансплантираните лица. Веруваме дека ваквите партнерства се клучни за создавање поквалитетен здравствен систем и за унапредување на сестринската професија.
Присуството на наши претставници на овој значаен меѓународен настан претставува признание за улогата и ангажманот на медицинските сестри во процесот на дијализа, трансплантација и посттрансплантациска грижа. Медицинските сестри се клучна алка во целиот тим – нивната емпатија, посветеност и стручност се дел од успехот на секоја животна приказна на пациентите.

На настанот беа истакнати бројни позитивни примери, идеи и визии за идниот развој на трансплантацијата во земјава. Унијата на ЗМСТАС „ЗА НАС“ останува доследна во својата мисија – да ја унапредува сестринската пракса, да промовира меѓусекторска соработка и да ја поддржува секоја иницијатива која придонесува за подобро здравје и достоинствен третман на пациентите.
Искажуваме благодарност до Здружението Нефрон за поканата и за континуираната соработка, како и до сите учесници – пациенти, лекари, медицински сестри и поддржувачи, кои заеднички ја покажаа силата на заедништвото и хуманоста.