Актуелно

СТРУГА СТАНА ЕПИЦЕНТАР НА СЕСТРИНСТВОТО ВО РЕГИОНОТ - СО ОБРАЗОВАНИЕ ДО ВЛИЈАНИЕ – МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ЈА ПОКАЖАА СВОЈАТА СИЛА НА ПРОМЕНАТА

Почитувани, од 3 до 5 октомври, во Струга, во хотелскиот комплекс „Дрим“ се одржа Четвртиот Меѓународен конгрес на медицински сестри и медицински техничари на Македонија, во организација на Здружението „ЗА НАС“, носител на Унијата на медицински сестри, медицински техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија.



Оваа година, Македонија беше домаќин и на Регионалната конференција на ЕСНО – Европската организација на национални и регионални здруженија на специјализирани медицински сестри и медицински техничари, што ја позиционира нашата земја како центар на регионалното и европското сестринство.

Со темата „Со образование до влијание – Медицинските сестри, двигатели на промени“, конгресот ја обедини суштината на сестринската професија – хуманоста, знаењето и визијата за промена.



Во тридневната програма учествуваа над 80 предавачи од земјата и странство, беа претставени над 80 предавања, 19 постер-презентации, тематски форуми, работилници и панел-дискусии, преку кои се споделија современи знаења, искуства и примери на добри практики.




Конгресот го отвори м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС „ЗА НАС“ а со свој поздравен говор ги поздравија присутните и претставници на највисоките институции од здравствениот, образовниот и граѓанскиот сектор, како и високи гости од европски и регионални сестрински организации.



Со посебно признание и чест беше прочитано пофално писмо од Претседателката на Република Северна Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, во кое таа изрази длабока благодарност за хуманоста, пожртвуваноста и професионалноста на сестринскиот кадар, како и поддршка за сите иницијативи што ја подигнуваат професијата на повисоко ниво.

Особено внимание привлече доц. д-р Адриано Фригановиќ, претседател на ЕСНО, кој во своето обраќање порача дека Македонија ја покажува вистинската насока во развојот на сестринството и претставува пример за регионално поврзување и европски интеграции во здравството.



Со инспиративни зборови се обрати и д-р Џеки Роулс, претседателка на Интернационалната федерација на медицински сестри-анестетичари (IFNA) од САД, која истакна дека сестринството нема граници и дека знаењето и соработката се најмоќните алатки за глобална промена.

Поздравни обраќања имаа и претставници на Црвениот крст на РСМ, како и делегации од Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Италија, Шведска и Ирска, кои го нагласија значењето на регионалната соработка, размената на искуства и заедничкото градење на професионални стандарди.

 


Во рамки на свечената церемонија беа доделени високите повелби и признанија „Славјанка Влахчева“, во чест на доајенката на македонското сестринство. Покровител на оваа повелба е м-р Михајло Филев, почесен конзул на Р. Србија во Македонија. 

Добитници на ова значајно признание за 2025 година се:

  • Валентина Ставреска, медицинска сестра од Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, и

  • Мане Ангеловски, дипломиран медицински техничар од Клиничка болница Штип,
    кои со својата хуманост, професионализам и посветеност се пример за идните генерации.



Доделени беа и специјални признанија за почесни членови на Здружението „ЗА НАС“ за поддршка и афирмација на сестринската професија.



Меѓу нив се: проф. д-р Нико Беќаровски, г-ѓа Светлана Тренчевска и г. Даниел Стојмановски, чии заложби и соработка значително придонесуваат за развој на сестринството во земјата.





Кулминацијата на конгресот беше панел-дискусијата „Со образование до влијание – Медицинските сестри, двигатели на промени“, на која учествуваа експерти, универзитетски професори, претставници на институции и членови на меѓународни организации.



Панелистите едногласно заклучија дека образованието е најсилниот инструмент за градење влијание, а дека медицинските сестри со своето знаење и искуство претставуваат клучен двигател на промените во здравствениот систем.

Во завршниот дел на конгресот, претседателката на Унијата и Здружението „ЗА НАС“, м-р Гордана Бешлиовска, порача:

„Медицинските сестри не се само негуватели – тие се професионалци, советници, едукатори и двигатели на промените. Нивната посветеност е светлината што го осветлува патот на здравството.“

Со оваа порака заврши уште еден успешен конгрес кој остави силен белег во регионалната професионална заедница, зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како активен фактор во развојот на современото сестринство.



Настанот го водеше големиот хуманист, почесна медицинска сестра и наш долгогодишен поддржувач, м-р Каролина Петковска.



Голема благодарност искажуваме и до големиот уметник, хуманист и наш долгогодишен соработник, г-ѓа Елена Андоновска, која ја отвори свечената академија со изведба на химната на нашата земја и изведе песни од нејзиниот богат репертоар.



Упатуваме благодарност и до сите партнери и поддржувачи, како и бројни образовни институции и компании со општествена одговорност.

Пребарување

Категории

Актуелно

СТРУГА СТАНА ЕПИЦЕНТАР НА СЕСТРИНСТВОТО ВО РЕГИОНОТ - СО ОБРАЗОВАНИЕ ДО ВЛИЈАНИЕ – МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ЈА ПОКАЖАА СВОЈАТА СИЛА НА ПРОМЕНАТА
08.10.2025
Конгресот го отвори м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС „ЗА НАС“ а со свој поздравен говор ги поздравија присутните и претставници на највисоките институции од здравствениот, образовниот и граѓанскиот сектор, како и високи гости од европски и регионални сестрински организации.
Види детали

Тагови

Архива на вести