Во чест на Меѓународната недела на сестринството, во Центарот за култура во Битола се одржа осмата по ред
Свечена академија, организирана од Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, предводена од здружението „За Нас“.
Настанот се одржа под мотото
„Нашите сестри. Нашата иднина. Грижата за сестрите ја зајакнува економијата“, а започна со интонирање на македонската химна од страна на
„Златно Славјче“.
Годинава, свечената академија беше повеќе од само традиционален собир – таа беше симбол на заедништво, храброст и љубов. Посветена на сите медицински сестри кои со срце и совест ја градат човечноста во здравствениот систем, академијата изрази благодарност за секој чекор, секоја прегратка и секој бесценет момент што тие го даруваат во својата професионална мисија.
Претседателката на ЗМСТАС „За Нас“, Гордана Бешлиовска, официјално го отвори годинешниот настан и во своето моќно обраќање потсети на вредноста и жртвата на медицинските сестри.
Таа ја испрати пораката дека сестринството не е само професија, туку суштинска алка во здравствениот систем, за која мора да се обезбеди автономија, професионален развој и соодветна институционална поддршка.

„Медицинските сестри не се само алки во здравствениот систем туку тие се суштинскиот дел во здравствените системи и затоа инвестицијата во медицински сестри и инвестиција во здрава нација. На медицинските сестри им е потребна автономноста за како што рече да знаат за што конкурираат на работните места. Ако докторите имаат своја специјалност, тогаш тоа е потребно и за медицинските сестри за кои посебно е важен кариерниот развој. Во Битола е расадникот за медицински сестри, тука е Високата медицинска школа, тука е и првото средно медицинско училиште формирано во 1947 година, но потребно е образованието да произведува што повеќе кадар соодветно на сондажата од терен и затоа потребни се дополнителни паралелки со специјални програми за медицински сестри“ - истакна Бешлиовска.
Во силен и емоционален момент на академијата, беше испратена порака со која
највисокото признание годинава оди – колективно – кај сите медицински сестри на Македонија.

За секоја непроспиена ноќ, за секој допир на надеж, за секоја борба и солза што ја претвориле во насмевка на пациентот.

„Од сестрите — за сестрите.
Од срцето — за срцата.
Од човечноста — за човештвото.
Денес си даваме чест.
Денес си даваме аплауз.
Денес се гордееме едни со други.“
Прим. д-р Таше Трпчевски, сопственик на болницата „Плодност“, во своето излагање истотака не го криеше задоволството од одлично организираниот настан, потсетувајќи на важноста на симбиозата меѓу здравствените работници и клучната улога на медицинските сестри во здравствениот систем.
Неговата
специјална болница “Плодност“ од Битола, беше генерален покровител на настанот. Томку од оваа институција се одржаа три инспиративни презентации, како дел од официјалниот Прв симпозиум на Друштвото на гинеколошко-акушерски сестри при ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Медицинските сестри Снешка Дмитровиќ, Сузан Драла и Мерлинда Драла со голема професионалност и посветеност ја претставија улогата на сестрата во различни аспекти од здравствената грижа.
На настанот, беа врачени
плакети и признанија на истакнати поединци и институции, кои дале значаен придонес за унапредување на сестринската професија и здравствениот систем:
- Тони Коњановски, градоначалник на Битола,

- Проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола,

- Ребека Алексовска, главна сестра во „Плодност“,

- Пензонираните сестри Слободанка Брглева и Елена Стојановска,


- Како и идните надежи на професијата – ученикот Михаил Јорданоски и студентката Ерика Ванчева.


Настанот беше збогатен со
културна програма и настапи на ученици од Државното училиште во Битола, што дополнително внесе уметнички и емотивен елемент во атмосферата.
Искажуваме голема благодарност до нашата соработничка
Каролина Петковска, која со својата професионалност и посветеност во водењето на овој настан придонесе за неговиот високоорганизиран и успешен тек.
Свечената академија уште еднаш го потврди значењето на медицинските сестри како
столб на здравствениот систем. Нивната пожртвуваност, емпатија и професионализам заслужуваат не само признание – туку и системска поддршка, разбирање и вложување.