СЕ ОДРЖА ПРВИОТ СИМПОЗИУМ НА ДРУШТВОТО НА ОФТАЛМОЛОШКИ СЕСТРИ ПРИ ЗМСТАС „ЗА НАС“

Почитувани вчера се одржа првиот симпозиум на Друштвото на офталмолошки сестри при ЗМСТАС „ЗА НАС“ на тема „Нови перспективи во офталмологијата“.



Настанот се одржа во Скопје, хотел „Континентал“ во присуство на голем број медицински сестри и техничари, соработници и добронамерници.



Официјалното отворање со свој говор го започна м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС „ЗА НАС“.

„Мора да се донесе закон за сестринска професија и да се формира Комора, да се работи на кариерниот развој на сестрите во здравството.

Тој закон ќе ги проектира сестрите во болниците, ќе ги рефлектира преку законски компетенции, работни задачи и одговорности, ќе го донесе кариерниот развој на сестрите. Тоа значи дека сестрите ќе треба да добијат академски студии, тоа значи дека сестрите ќе треба да се остварат во образованието како едукатори и како предавачи и тоа значи дека една сестра кога ќе се вработи, нема да се пензионира како сестра, туку ќе има можност за напредок во нивоа по специјалности и да се школува како што впрочем е во целиот свет.

Овој симпозиум за офталмолошките сестри е голем исчекор за едукацијата на медицинските сестри, затоа што никогаш до сега не се случило сестрите од офталмологијата да ги споделуваат стручните знаења, перспективи и достигнувања во сестринството со другите сестри. Симпозиумите се места каде доаѓаат сестри од сите области и имаат можност да слушнат и да се обучат.“ - истакна Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на ЗМСТАС и Здружението „За нас“ во изјава за МИА.




Со своето присуство големо задоволство ни приредија и Д-р Злате Мехмедовиќ, национален координатор за реформи во примарната здравствена заштита, Доц. Д-р Беким Татеши, директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за Очни Болести – Скопје и Ивица Апостолов, претседател на Здружение на медицински лаборанти Клинички центар - Скопје.

„Ваквите специјалистички друштва што се формираат, се со цел да има континуирана медицинска едукација во сестринската професија, нешто што е налик на докторската професија, со што всушност ќе овозможиме и автономност на сестрите, да можат автономно да постапуваат во одредени процедури, согласно компетенциите и стручноста што ја имаат со таа специјалност“ - нагласи Мехмедовиќ во изјава за МИА.



 
ПЛАКЕТА ЗА ОСОБЕН ПРИДОНЕС КОН СЕСТРИНСКАТА ПРОФЕСИЈА

Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри додели и плакета за особен придонес кон сестринската професија на ДМСТ Даринка Стојановска од ЈЗУ Универзитетска Клиника за Очни Болести – Скопје.





На овој симпозиум беа презентирани темите: „Подготовка на пациент за офталмолошки оперативен зафат“ на ДМСT Емилија Илиевска од Систина Офталмологија; „Креирање на квалитетни сестрински офталмолошки вештини  со континуирана едукација“ на учениците од СМУГС Др. Панче Караѓозов - Скопје: Мелани Арсова и Јована Бадарова, под менторство на ДМСТ Сунчица Ивановска - стручен наставник; „Инфантилни хемангиоми-клинички карактеристики и тераписки пристап“ на Доц. д-р Александра Јовановска од ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести; „Минимална инвазивна хирургија на глауком  и предизвикот при асистирање на медицинската сестра“ на МСТ инструментарка Мариа Палифрова од ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести; „Функционална амблиопија кај деца со страбизам“ на м-р Силвана Блажеска, Дефектолог од ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести; „Улога на медицинската сестра  во корнеална рефрактивна хирургија – LASIK и PRK“ на МСT Никола Петрески од Систина Офталaмологија; „Современ третман на макуларна дегенерација - Примена и значење на Aнти-VEGFтерапија“ на ДМСT Весна Ѓаковска и МСT Александра Стојковска од ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести, и „Оптичка кохерентна томографија и ангиографија“ на МСT Сања Андоновиќ од ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести.



Модератори на настанот беа ДМСT Оливера Калошева, координатор на ЗМСТАС „ЗА НАС“, ДМСT Емилија Наумовска, претседател на Друштвото на офталмолошки сестри при ЗМСТАС „ЗА НАС“ и ДМСT Наташа Павлоска заменик претседател на Друштвото на офталмолошки сестри при ЗМСТАС „ЗА НАС“.



„Чест ми е што сум избрана да бидам претседател на ова друштво и што за многу краток период успеавме заедно со сите мои соработници да организираме навистина успешен настан.

Успешноста на симпозиумот се гледа по големата посетеност и квалитетните презентации и теми кои секако едукативно влијаеа на сите нас во однос на новите перспективи кои ги носи офталмологијата.

Нема поголем успех од тоа на едно место да се видат сплотени медицинските сестри од сите приватни и државни клиники и болници. Би сакала да дадам јавна благодарност до сите учесници, особено до приватната болница Систина Офталмологија која настанот го збогати со најголем број теми, а секако и до ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести, ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести и учениците од СМУГС Др. Панче Караѓозов - Скопје.

Вака се чува и брани сестринската професија, со поддршка, почит и меѓусебна соработка. Целта е исполнета.“ – истакна ДМСТ Емилија Наумовска, претседател на Друштвото на офталмолошки сестри при ЗМСТАС „ЗА НАС“.




Со музичко матине настанот го дополни легендарниот музичар Јаков Дренковски, додека пак водител на програмата беше нашиот соработник и голем хуманист Каролина Петковска.


 
МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО НССРСМ И ЗСЛОВ
 
Првиот симпозиум на Друштвото на офталмолошки сестри беше заокружен со уште една убава мисија. Имено, Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ потпиша меморандум за соработка со Националниот сојуз на слепите на Република Северна Македонија и Здружението на слепи лица со оштетен вид - Скопје за сите идни активности во однос на едукативни и промотивни настани за унапредување на здравјето, превенција на болести, здравствено воспитување и превенција од истите.




 

ГАЛЕРИЈА