ЗА ПРВ ПАТ ДОДЕЛЕНИ ОДЛИКУВАЊА ОД ПРВ РЕД „СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВА“

Изминатиов викенд, во текот на вториот меѓународен конгрес на медицинските сестри за прв пат беа доделени и плакети, односно одликувања од прв ред во име на првата македонска медицинска сестра „Славјанка Влахчева“.

Македонското девојче во бело, вака се велело за штипјанката Славјанка Влахчева, првата образована медицинска сестра во Македонија. Била родена во 1900 година во Штип, а на денешен ден починала во Скопје пред точно 35 години. Влахчева на 24 години, во Белград го завршила Училиштето за медицински сестри на Друштвото на Црвениот крст, се вратила во родниот град и оттогаш ја започнала својата медицинска заложба, активно вклучена во борбата против маларија. За ова добила низа признанија и заслуги, а за неа биле пишувани и статии во весници. Ова заедно со уште низа нејзини фотографии денеска се чува во НУ Завод и Музеј Штип. 

Влахчева преминала на работа во Антитуберкулозниот диспанзер во Скопје, а се активирала и во Црвениот крст на Македонија. Имала важна улога во воведувањето на патронажната служба и спроведувањето на бесеже вакцинацијата против туберкулоза. Таа добила и задача од Министерството за народно здравје да основа Училиште за медицински сестри во Скопје и во 1945 година била именувана за негов прв директор. Нејзините лични предмети ќе добијат посебно место во Штипскиот музеј.

На предлог на Црвениот крст на Југославија, Славјанка Влахчева е една од петте Македонки кои добиле едно од најголемите признанија во светот за хуманост – медалот „Флоренс Нејтингел“. На Основачкото собрание на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија едногласно била донесена одлука Здружението да го носи името на Славјанка Влахчева. 


Од оваа година на предлог на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ ќе се доделува оваа повелба со поддршка од општина Штип и согласност од семејството Влахчеви.

 
ПЛАКЕТА И ОХРИДСКИ БИСЕРИ ЗА ОДЛИКУВАНИТЕ СЕСТРИ
 

Првите добитнички на овие повелби беа сестра Јулијана Маџовска, која 40 години во својот работен век и стаж го остави во службите во превентива и патронажните служби каде направи невидени едукации. Учествуваше во развојот и поставувањето на патронажната служба, го формираше Друштвото на патронажни сестри, а во меѓувреме се школуваше и во Америка... 



... и сестра Роза Рулеска Пиличева, која истотака остави 40 години работно искуство зад себе. Во својата кариера како главна сестра на голема институција направи многу едукации за сестрите, симпозиуми, работилници, го формираше Друштвото на инструментарки, го издаде Сестринскиот весник.



Искажуваме јавна благодарност и до г-динот Михајло Филев, почесен конзул на Р.Србија во Р.С. Македонија кој го спонзорираше ова доделување, подарувајќи охридски бисери на одликуваните сестри.

Овој чин ќе биде традиција и секоја наредна година.


 

Пребарување

Категории

Актуелно

СО ПРЕДВИДЕНИТЕ ВРАБОТУВАЊА НА 300 ДОКТОРИ, ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ ПРЕДВИДУВААТ ОД 600 ДО 900 НОВИ ВРАБОТУВАЊА НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ
26.7.2024
По вчерашната објава на министерот Таравари дека oваа година во буџетот ќе се предвидат нови вработувања за 300 доктори, напоменуваме дека според светските здравствени стандарди императивно ќе биде потребно и вработување на нови 600 до 900 медицински сестри и техничари, согласно законскиот сооднос 1:3.
Види детали

Тагови

Архива на вести