УНИЈАТА АКТИВНО УЧЕСТВУВАШЕ НА ПРОМОЦИЈАТА НА РЕГИОНАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА УЛОГАТА НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СЕКТОР ВО СПРАВУВАЊЕТО СО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈЧИЊАТА

На 17 декември 2025 година, во Public Room во Скопје, се одржа промоцијата на регионалниот извештај „Грижа, храброст, промена: лидерство на здравствениот сектор во справувањето со насилството врз жените и девојчињата“, проследена со стручна дискусија за зајакнување на одговорот на здравствениот сектор на насилството врз жените и девојчињата во Северна Македонија.

Настанот ги обедини клучните институционални и меѓународни чинители, меѓу кои Министерството за здравство, здравствени институции, агенциите на Обединетите нации (СЗО, УНФПА, UN Women и УНИЦЕФ), како и претставници на граѓанското општество. Фокусот беше ставен на улогата на здравствениот сектор во превенцијата, раната идентификација, упатувањето, документацијата и обезбедувањето грижа насочена кон преживеаните од родово базирано насилство.

Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари и акушерки – ЗМСТАС „ЗА НАС“, активно учествуваше на настанот, препознавајќи ја клучната улога на медицинските сестри и акушерките како прва линија на контакт со жртвите на насилство и како носители на хумана, професионална и етичка здравствена грижа.

На настанот присуствуваше м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС „ЗА НАС“, која ја нагласи важноста од системска поддршка и континуирано зајакнување на капацитетите на здравствените работници.

„Насилството врз жените и девојчињата не е само социјален проблем, туку сериозно јавно-здравствено прашање. Медицинските сестри и акушерките имаат незаменлива улога во препознавањето, поддршката и заштитата на преживеаните. Ваквите настани се значајни затоа што отвораат простор за конкретни решенија, подобра координација и јасна национална рамка за дејствување“, изјави Бешлиовска.




Во рамки на настанот беа презентирани клучните наоди од регионалниот извештај, како и резултатите од националната брза проценка за Северна Македонија, кои укажаа на постоечките системски празнини, но и на можностите за унапредување на одговорот на здравствениот сектор преку подобро управување, едукација на кадарот и меѓусекторска соработка.

Унијата на ЗМСТАС „ЗА НАС“ ја потврдува својата посветеност активно да учествува во креирањето и имплементацијата на политики и практики кои ќе обезбедат безбеден, достоинствен и сеопфатен здравствен одговор за сите жени и девојчиња кои се соочуваат со насилство.

Пребарување

Категории

Актуелно

Македонските сестри поврзани со светот: Свечена академија по повод Меѓународната недела на сестринството 2026
14.5.2026
На 12 мај 2026 година, во Домот на културата во Тетово, свечено и во силна атмосфера на почит, емоции и професионална гордост, беше одбележана Меѓународната недела на сестринството во Македонија преку одржување на 9-тата Свечена академија по повод 5 Мај – Светскиот ден на акушерките и 12 Мај – Интернационалниот ден на медицинските сестри.
Види детали

Тагови

Архива на вести