Актуелно

Втор Конгрес на здравствени работници во Лозница

Нашиот тим учествуваше на Вториот конгрес на здравствени работници што се одржа во Лозница, настан кој претставува значајна платформа за размена на знаења, искуства и идеи меѓу колегите од регионот, како и можност за продлабочување на долгогодишната соработка во полето на здравствената нега.

М-р Гордана Бешлиовска имаше поздравно обраќање и одржа предавање на тема „Современ пристап во организацијата на работата на здравствените работници – медицинските сестри“, при што ги истакна современите модели на организација, потребата од континуиран професионален развој и значењето на тимската работа во обезбедувањето квалитетна здравствена нега. Таа воедно беше и активен учесник на панел-дискусијата на тема „Како да се сопре одливот и миграцијата на медицинските сестри од матичните земји и институции“, каде беа разменети мислења и предлози за создавање подобри услови за работа, едукација и мотивација на здравствените кадри.

Во рамките на конгресот се одржаа бројни средби и дискусии со претставници на меѓународни и регионални организации, меѓу кои и претставничката на IFNA, Зорица Кардош, претседателот на ESNO, Адриано Фригановиќ, како и претставници на здружението „Puls od BIH ART“ од Црна Гора, Унијата на медицински сестри и техничари од Клиничкиот центар Ниш, професор д-р Ведрана Вејзовиќ од Универзитетот во Малме, како и претставници од образовните институции на Србија и Хрватска и нивното здружение на медицински сестри.

Програмата беше збогатена со симулациска работилница и голем број стручни предавања кои овозможија размена на најнови практики, иновации и пристапи во здравствената нега. Нашиот тим, составен од медицински сестри од сите нивоа на здравствениот систем, од конесионерството и од образовниот сектор, со гордост го претстави својот придонес и искуство во насока на унапредување на професионалните стандарди и меѓусекторската соработка.

Вториот Конгрес на здравствени работници во Лозница беше уште една потврда за заедничката мисија што ја споделуваме со колегите од регионот – јакнење на професионалниот интегритет, развој на здравствената нега и создавање услови во кои медицинските сестри ќе можат целосно да го покажат своето знаење, посветеност и човечност во служба на пациентот и заедницата.





Пребарување

Категории

Актуелно

Втор Конгрес на здравствени работници во Лозница
11.11.2025
М-р Гордана Бешлиовска имаше поздравно обраќање и одржа предавање на тема „Современ пристап во организацијата на работата на здравствените работници – медицинските сестри“, при што ги истакна современите модели на организација, потребата од континуиран професионален развој и значењето на тимската работа во обезбедувањето квалитетна здравствена нега
Види детали

Тагови

Архива на вести