ПРОМОЦИЈА НА ЗМСТАС - ЗА НАС

Деновите од  5-ти Мај до 12-ти Мај се денови во кои на сите медицински сестри во светот им се оддава почит за нивните неверојатни клинички способности, за несебичната нега што ја спроведуваат врз пациентите, за соработката со нивните семејства и за севкупниот придонес во опшеството. Започнувајќи од 5-ти Мај, светскиот ден на Акушерките, па се до 12-ти мај, денот кога е родена и основоположничката на професионалното сестринство – Флоренс Најтигел, позната и како „Дамата со светилка“.
 
„Ние медицинските сестри не сме ангели, но сме втората најубава работа по ангелите“, е колегијалниот поздрав преку кој овие денови сестринството си оддава почит во оваа племенита и хумана професија. Ова е период кога сестрите добиваат посебна афирмација за докажување на нивните интервенции во сестринскиот профил, бидејќи и покрај тоа што секодневно постојат голем број хумани активности кои ја одбележуваат оваа професија, сега имаат можност да дадат акцент и на сите тековни проблеми, цели и стратегии.
 
На 12-ти мај во големата кино сала на ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ се случи централната манифестација на која присуствуваа голем број на сестринства од целата република, како и голем број на лекари, професори, членови на МПЦ и Католичката црква, преставници од Министерството за одбрана и МВР, Советот на град Скопје, Црвен Крст, преставници од медиумите...
 
Главно обележје на настанот беше промоцијата на здружението на медицински сестри, техничари и акушерки – ЗА НАС, за кое излагање имаше иницијаторот и основачот на здружението м-р Горданка Бешлиовска, која воедно е и главна сестра на ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје.

 
„Целта на формирањето на едно вакво здружение ни е јасна. Потребно е да бидат решени многу проблеми од сестринскот профил, и ние мораме да најдеме начин и сили за да си помогнеме на самите себе, и да покажеме сите заедно една единственост. Има голем број на проблематики кои со формирањето на комората се надеваме ќе бидат решени, а со самото тоа што комората ќе функционира како правен субјект нас директно ќе не имплементира во здравствената политика.  Па така очекувам да бидеме дел од сестринската клиничка пракса и да бидеме вклучени во образовниот процес. Очекувам да го направиме централниот регистар на сестри, ние да ги лиценцираме и релиценцираме сестрите, да се препознаеме во колективните договори онака како што заслужуваме за да може систематизациите во здравствените организации да не предвидат онака како што треба по профили и по специјалности. Да бидеме препознаени по степен на образование, бидејќи сестрите сега се образуваат во прв, втор и трет циклус на студии каде што мораме да добиеме посебни коефициенти за признавање на нашата професија.Нашето здружение во моментов ги има отворено своите врати за сите кои сакаат да пристапат и да ни ја дадат својата поддршка. Сестрите од целата република веќе масовно се приклучуваат знаејќи ја нашата заедничка цел и тековните потреби. Многу наскоро е планиран и еден заеднички симпозиум каде повторно заеднички, ќе го оформиме нашиот став и ќе побараме овластување за планираната комора.“

            Главната интенција на здружението е конечно во Р.Македонија да се вреднуваат вистинските вредности на сестринството со една единствена цел, сплотување на сите здруженија во една комора, која ќе биде правен субјект и ќе ги застапува правата и должностите на сестринската професија, и ќе ги иплементира во здравствената политика.
  
Во текот на манифестацијата свое обраќање по повод денот на сестринството имаа и Директорот на ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ Проф. д-р Сашо Стојчев, дипл.акушерка Милица Беслач, поетесата Анита Бошковска и големиот хуманист и спортист Миле Стојкоски (Здружение на инвалиди на Р.М) како голема поддршка за настанот и новооформеното здружение.
 
Одбележувањето на денот на сестрите беше збогатен и со неколку музички настапи на Марјан Коцев и дел од учесниците на Златно Славејче.
 
„Ние медицинските сестри не сме ангели, но сме сигурно втората најубава работа по ангелите“ е слоганот на ЗМСТА – ЗА НАС, со кој се покануваат сите медицински сестри, техничари и акушерки од Р.М, и останати добронамерници да пристапат кон здружението и да ја дадат својата поддршка.

Пребарување

Категории

Актуелно

ПРЕДЛОЗИТЕ ЗА ЗАКОН И КОМОРА КОНЕЧНО ВО СТРАТЕШКИТЕ ПРЕДИЗБОРНИ ПРОГРАМИ: СОСТАНОК СО КОМИСИЈАТА ЗА ЗДРАВСТВО НА ВМРО-ДПМНЕ
02.5.2024
Ве информираме дека во текот на вчерашниот ден бевме дел од состанокот на здравствената комисија на ВМРО, каде имавме можност да ги истакнеме сите наши заложби и за прв пат да добиеме ветување за Закон и Комора.
Види детали

Тагови

Архива на вести