СВЕТСКИ ДЕН НА БУБРЕГОТ: „Да се надминат непознавањата за да се зачува функцијата на бубрезите“

Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „ЗА НАС“ апелира да се зголеми свесноста за значењето на нашите бубрези за нашето севкупно здравје и да се намали честотата и последиците од болестите на бубрезите и поврзаните здравствени проблеми на светско ниво.

Во име на долгогодишната соработка со НЕФРОН - Здружение на граѓани денеска ја даваме својата поддршка и се приклучуваме кон одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.

Потенцираме дека важен фокус на Светскиот ден на бубрегот е промоцијата на донацијата на бубрези и трансплантацијата. Хроничната бубрежна болест е асоцирана со сериозни компликации кои предизвикуваат сериозно намалување на квалитетот на живот. За многу луѓе со хронична бубрежна болест најдобар третман е успешна трансплантација на бубрег, која ја подобрува добросостојбата и овозможува подобар квалитет на живот.

Денеска е денот кога вреди да се споменат и нашите колеги и колешки од центрите за дијализа ширум земјава кои се важен сегмент во одржувањето на доброто здравје на пациентите кои боледуваат од болест на бубрезите. 


 

Светскиот ден на бубрегот – 10 Март, посветен на истакнување на важноста на здравјето на бубрезите, годинава се одбележува под мотото „Да се надминат непознавањата за да се зачува функцијата на бубрезите”.

Се проценува дека бубрежните болести погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Еден  од 10 возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите. Во глобални рамки ХББ (Хроничната бубрежна болест) секоја година расте и се предвидува дека во 2040 година ќе биде петтата болест како причина за смртност на годишно ниво. Два милони луѓе во светот се на дијализа.

Дијализата е најчесто застапен метод во нашата земја за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест, наведуваат од Здружението на бубрежно болни граѓани Нефрон кое од 2007 година се прикличи кон светската кампања на меѓународните организации ISN и IFKF за одбележување на World Kidney Day.

-Болестите на бубрезите може да се превенираат, навремено да се откријат и дијагностицираат за лекувањето, понатамошниот третман и справувањето со болеста да биде приспособено и полесено за секој пациент. Редовно, а најмалку еднаш годишно проверувајте ја функцијата на Вашите бубрези! Тоа може да го направите кај матичниот лекар со едноставно испитување на вредностите на уреа и креатинин – во секоја лабараторија, посочуваат од Здружението.

Најоптимален метод на лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег која може да биде од жив донор или од кадавер, а дарителот може да биде познат член од семејството или пак непознат дарител, кога со “органодарителство’’ органите од починати лица со мозочна смрт се трансплантираат во телото на други лица за да се спаси нивниот живот.

-Трансплантацијата во нашата земја бележи напредок во последните неколку години благодарение на хуманоста на народот, стручноста и посветеноста на медицинскиот персонал. Кога органодарителството би било повеќе развиено и би се вршеле повеќе трансплантации, повеќе луѓе би можеле да се спасат од дијализа и достоинствено и поквалитетно да живеат со бубрежната болест. Трансплантираниот пациент е рахабилитиран, може да им се врати на своите животни обврски, да придонесува за семејството и општеството, не е “врзан за апарат’’ и може да патува, посочуваат од „Нефрон“.