НИЕ СМЕ ПРВОТО ЛИЦЕ КОЕ ГО ГЛЕДААТ БОЛНИТЕ ОД УТРО ДО ВЕЧЕР И ПОТРЕБЕН Е ПОГОЛЕМ БРОЈ НА ИСКЛУЧИТЕЛНИ И ПОСВЕТЕНИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ КОИ ЌЕ ГО НАМАЛАТ СОГОРУВАЊЕТО НА РАБОТНОТО МЕСТО

Почитувани членови, продолжуваме со интервјуата кои ќе ни ја дадат вистинската слика за случувањата во ковид центрите. Нашите колешки, медицинските сестри ширум земјава повеќе од една година секојдневно се борат со пандемијата предизвикана од корона вирусот.

Денешниот разговор го правиме со сестра Наталија Петрова, која е дипломиран медицински техничар и повеќе од 10 години е дел од ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ во Скопје.


Таа од минатата година е дел од тимот кој се грижи за пациентите во најголемиот ковид центар во нашата земја ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“. Вели дека и покрај сите напори и ротации на смени кои последнава година се прават во центрите, сепак се чувствува заморот и потребата од нов персонал кој ќе го намали согорувањето на работното место.

„Со години наназад се соочуваме со намален број на медицински сестри. Во овој период кога сме навистина потребни во што поголем број и тоа како се чувствува потребата од поголем персонал. За жал последниве години намалена е и заинтересираноста за изучување на насоката медицинска сестра, со што дава голема реперкусија во менаџирањето на здравствениот систем.

Идните генерации на медицински сестри и тие малку што се заинтересирани размислуваат за заминување од земјата. Ова остава трајни последици во системот. Работата во ваква пандемија бара исклучителни и посветени професионалци, вљубеници во медицината, со голема желба да се помогне на луѓето, но за жал многу голем процент од истите се заминати во земјите каде сестринството се вреднува, секако и финансиски освен морално, за разлика од овде.

Сметам дека за разлика од минатите години има голем напредок, но за да стигнеме на нивото на европските земји, како и да постигнеме задржување на медицинските работници тука, треба уште многу да се работи на мотивирање и создавање на подобри услови за работа.“

Наталија вели дека вреднувањето на трудот ни од далеку не е онакво како што заслужува оваа професија, но она што влева надеж е сплотеноста со која последниве години се рушат бариерите и веќе за одредени проблематики е најдено соодветно решение.

„Од основањето на здружението има голем напредок, се решија многу неправилности, има обединување на сите здравствени нивоа. Секој член ја сподели својата проблематика и за повеќето се најде решение. Се надевам дека ќе дојде ден кога на високо квалификуваните колеги кои имаат специјализации трудот ќе им биде признаен и дека ќе дојде ден кога сестринството ќе се издигне на посакуваното ниво.“

Таа вели дека секое утро во ковид центарот го започнува идентично. Најважното е облекување на заштитната опрема (скафандер,маска КN 95, хируршка маска, капа, каљачи,ракавици  и визир) по што следува и примопредавање на смена од претходните колеги кои биле на работа 24 часа.

„Нашето одделение е едно од најтешките затоа што се носат најкритичните заразени пациенти кои имаат потреба од континуирана кислородна поддршка и респиратор. Секој ден во 9 часот следува главната визита со лекарите а потоа спроведување на целокупниот план за работа (вадење на крв за анализи, ЕКГ, мерење на витални параметри, спроведување на орална и парентералната терапија и сл.) Постојано се случува на пациент да му се вложи ситуацијата и потребно е веднаш да спроведеме реанимација со тимот на анестезија, да го поставуваме на CPAP маска или евентуално на механичка вентилација. Во секој случај целиот работен ден е исполнет со постојана борба да се спаси нечиј живот.“

СЕКОЈ ПАЦИЕНТ ШТО СИ ОДИ ДОМА ОЗДРАВЕН Е МОТИВАЦИЈА ПЛУС

Како и сите силата ја добива од нејзините најблиски и пријателите кои ја мотивираат со верба во тоа што го прави. Таа вели дека сестринската професија бара да се предадеш целосно на работата и на секојдневните предизвици што ги носи , приоритет е да се помогнеме на секој еден пациент и да се даде правилна нега и лекување.

„Секој спасен живот ни дава мотивација да продолжиме со борбата во оваа пандемија. Кога сме се определиле да ја работиме оваа работа страв не треба да има. Постоеле многу моменти (реанимации на релативно млади пациенти, среќавања со фамилии на починати пациенти)  поради кои сум се чувствувала психички оптоварена, сум го носела психолошкиот товар со денови и дома, сум размислувала како да се сменат некои работи на одделот се со цел подобрување на квалитетот на негата и престојот на пациентите и сметам дека со мојот тим успеваме да се координираме успешно во целокупната работа и го даваме максимумот од нас за да се намали бројката на неуспешно излекувани пациенти. Секој пациент што си оди оздравен дома е мотивација плус да се бориме и да бидеме истрајни. Секоја насмевка и секое едно благодарам значи многу за сите нас.“

РАБОТАТА ВО ТИМОТ Е НАЈВАЖНА


„Ако тимот е комплетен, си ја знае работата, сака да биде успешен и знае да се избори со притисокот работата тогаш сите проблеми се решаваат. На одделот Ковид-интензивна нега се ротира медицински и немедицински персонал од цела болница затоа што работата е напорна и на колегите им треба одмор. Многу од персоналот на свое барање остануваат со месеци на одделот и покрај тоа што едно дежурство им трае 24 часа  и е доста напорно. Тоа ме радува затоа што има ентузијазам и желба да се помогне на пациентите и секој еден од персоналот го дава својот максимум во оваа борба. Мојот однос со персоналот сметам дека е на одлично ниво штом поголемиот дел од нив со месеци остануваат за заедно и тимски  се бориме.“



„Мојата порака до јавноста е: носете маски, држете дистанца и избегнувајте непотребно групирање.Сите ние мислиме дека вирусот е нешто мало  и дека нема да стигне до нас, се додека не ги почувствуваме последиците на своја кожа или на нашите блиски. Консултирајте лекар при појава на било каков симптом на  Ковид 19 и следете ги нивните упатства. А за колегите , да бидеме силни, издржливи и истрајни како во минатата година, бидејки ние сме тие кои се првото лице кои го гледаат болните од утро до вечер.“

 

Подготвил:
Даниел Стојмановски
Односи со јавноста и комуникација со медиуми

Пребарување

Категории

Актуелно

СЕ ОДРЖА ПРВИОТ СИМПОЗИУМ НА ДРУШТВОТО НА ОФТАЛМОЛОШКИ СЕСТРИ ПРИ ЗМСТАС „ЗА НАС“
12.4.2024
Почитувани вчера се одржа првиот симпозиум на Друштвото на офталмолошки сестри при ЗМСТАС „ЗА НАС“ на тема „Нови перспективи во офталмологијата“. Настанот се одржа во Скопје, хотел „Континентал“ во присуство на голем број медицински сестри и техничари, соработници и добронамерници.
Види детали

Тагови

Архива на вести