БЕШЛИОВСКА СО АПЕЛ ДО СЕСТРИНСТВОТО

Почитувани членови во исклучително тежок период низ кој поминува секоја една медицинска сестра, сега, не е време за поделби и излетувања од патот до целта. Напротив, ова е тестот за издржливост, за колегијалност, за поддршка, за единство. Токму во таква насока вчера осамна и јавната објава на претседателот на Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „За нас“ сестра Гордана Бешлиовска во која повикува на сплотеност:
 

Имам човечка потреба да се обратам до сестринството после многу, многу пораки кои го наполнија сандачето на здружението „За нас“.
 
Тешки времиња носат тешки одлуки, а сите тешки одлуки бараат пред сѐ добри луѓе, но уште поважно е да сакаме да бидеме добри.
 
Во животот има луѓе кои те знаат, но не те познаваат. Некои пак те сметаат за личност сосема поинаква од тоа што си. Некои те сакаат, некои не, едни те ценат по делата, други по мислите. Најважни се оние кои те ценат по душа и те почитуваат со цело срце.
 
Капка вода кога ќе капне на вжештено железо испарува, на цвет се претвора во монистра, а на школка во бисер. Така е и со луѓето, со што ќе се здружат тоа и стануваат и затоа: не може никогаш да биде нормално сестрите да бидат едни против други!

Какви се овие напади едни против други? Зошто толку себичност?!

,,А колку би било разумно секој да може да ја почуствува туѓата неправда и болка''...


 
За да го поминеме овој тунел во кој ни е нарушено достоинството треба да ја употребиме сопствената светлина која зрачи од нашата професија, единствени, сплотени заедно едни за други.
 
Како никогаш до сега чувствувам тежина за се што се случува и многу разочараност од вашите напади едни на други. Ние со средно, вие со високо... и нема решение, а сите сме во проблем, сите сме БЕЗ ЗАКОН !!!
 
Согоруваме со ниски плати, немаме поддршка од претпоставените, не сме доволни на број за работа, долг работен стаж... најважното, повторувам, БЕЗ ЗАКОН!!!

Медицината и политиката не се со иста реторика, а за жал се измешаа. Ако продолжиме едни против други ниту четворица пријатели нема да останеме. Моите намери се чисти и треба и вие така да делувате, во спротивно губитникот сме сите ние!
 
Има една поговорка: „Да знаев колку е длабоко морето никогаш немаше да почнам да пливам“, но и љубовта боли, а сите се бориме за неа, па така и мојата љубов за професијата.
 
Здружението ве води и доведе до изворот, но на сила вода за пиење не може да даде, мора ние самите да бидеме свесни и да ги прифатиме советите и да бидеме заедно за сите, а не секој за себе.
 
Затоа почитувани мои драги колеги и колешки, само заедно и единствени ќе успееме. Информирајте се правилно за се на вашите работни места. За систематизациите, за колективните договори, за вашите коефициенти, за додатоците на плата... за се што ви следува, но не го добивате. Мораме да си го бараме законот, во спротивно, уште повеќе ќе бидеме незадоволни.
 
Единствениот начин да постигнеме сѐ е да бидеме заедно!
Срдечно, со должна почит до моето, до Нашето сестринство !!!