ПОЧИТУВАНА НАША ФЛОРЕНС НАЈТИНГЕЈЛ...

Почитувани членови ви го презентираме "писмото" до Флоренс Најтингејл, подготвено од нашата колешка Елизабета Настеска. Текстот е првично објавен на официјалната страна на Меѓународниот совет на медицински сестри: Letter for Florence Nightingale.


Во продолжение прочитајте ја и македонска верзија:
 



Почитувана наша Флоренс Најтингел,

 

    Да се влијае на текот на историјата и здравствено-општествените текови, треба да се биде навистина силен. Да се биде силен, тоа значи да се биде медицинска сестра! И времето покажува дека само со силна желба и храбар дух, можат да се достигнат вредностите за кои што сметаме дека се реална човечка потреба, како светот би изгледал похуман, поблагодарен, исполнет со љубов и среќа за што повеќе луѓе. А најчесто носители на прогресивните идеи што го носат човештвото сме токму ние – медицинските сестри, кои со својата љубов кон професијата и со секојдневните дела на хуманост кои ги правиме, длабоко се врежуваме во она што се вика минато, сегашност и наша вечна иднина!
 

    Оваа година на 12 Мај требаше достоинствено да го прославиме твојот 200-ти роденден. Оваа 2020 година која е посветена на нас медицинските сестри и акушерките и несомнено е НАША година. Година која требаше да започне многу поинаку ... За жал, се наоѓаме во еден невиден временски период одбележан со вознемиреност, период кој многумина го нарекуваат “Војна со невидлив непријател”. Како што ти во својата работа како предводник на сестринството се истакна и се бореше во време на Кримската војна, кадешто неуморно се грижеше за ранетите војници, така денес ние – твоето потомство сме хероите кои многумина ги бараат. Навистина не е лесна работа да се биде “Госпоѓата со ламбата” и да се бориш за уште еден ден, и за уште еден ...

Би сакала во овој момент да ти ја пренесам несебичната пожртвуваност од твојот колегиум на мед.сестри кои се на првата борбена линија на опасност, додека сите останати се повлекуваат во безбедноста на нивните домови. Ова требаше да биде еден прекрасен почеток на оваа наша година, ова не беше битка за која се пријавивме, но без оглед на се зедовме оружје и се бориме. Избравме несебичност за грижа на сите оние што беа, сите оние што сеуште се и оние што можат да бидат заболени од овој вирус, и покрај тоа што самиот чин на грижа може нас да не доведе во опасност, себеси или нашите семејства. 



Како што пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) се шири во последните неколку месеци, се повеќе се чувствува како времето да е во некој застој. Нашата професија одамна е обвинета за благородна, уште од времето кога ти беше пример за сочувство и посветеност. Затоа ние сега имаме огромна привилегија секојдневно да го носиме товарот за зачувување на човечкото достоинство, меѓу неизвесноста, а да се биде дел од моментите на ранливост за „срамнување на кривата“, бара посебен вид несебичност и сила. Од тебе ја научивме способноста да се биде хуман и сочувствителен човек, како и заедничката волја за да креираме поубав свет. Со моќта која ја имаме ние влијаеме, секој ден менуваме и спасуваме животи, се залагаме за здравјето за сите и ја даваме потребната нега која им е потребна на пациентите, бидејќи НИЕ сме Гласот што води, бидејќи ние ја играме клучната улога во давањето здравствена нега.

 

    Да, наша почитувана Флоренс ... И кога сето ова еден ден ќе заврши, дури тогаш ќе можеме да ги погледнеме сите емотивни и физички лузни од оваа битка. Знаеш ли дека не постојат ни грешки ни случајности? Можеби се ова што сега ни се случува е само прилика да научиме нешто ново или оваа година „случајно“ е избрана за наша?! Научив дека не треба да се споредуваш со најдобрите. Туку треба да одиш уште долго откако ќе се умориш. Хероите се луѓе кои го прават она што треба да се направи, без разлика на последиците. Така само ќе откриеш што си и што се имаш! Херои се сите медицински сестри и акушерките од целиот свет кои работат во сите часови од денот и ноќта без разлика на кое работно место се наоѓаат, дали е тоа амбуланта, болница, клиника, брза помош, старечки дом, итн ... За мене херои се сите оние кои поминале долги непреспиени ноќи далеку од нивните најблиски. За мене херој е колешката која мораше да ги остави трите малолетни деца да се грижат сами за себе, додека нејзиниот сопруг позитивен на коронавирусот се бореше во болнички услови, додека таа беше приморана да биде во самоизолација наместо да биде на нејзино работно место и заедно да се бориме... За мене херои се и оние колешки кои ноќите ги поминуваа низ болничките соби и ходници, за мене херои се оние кои скришно плачеа криејќи се од нивните семејства, сето тоа со страв дека и тие би ги изложиле на некаков ризик.. За мене херои се сите оние кои во секоја клетка во нивното тело има онолку верба и сила за да му се помогне на целиот свет. Знаеш, во целата оваа битка научив дека најголем извор на среќа е да помагаш и да им бидеш од корист на другите, најдобар лек-оптимизмот, а најуспешна одбрана-насмевката.
 

    Ова се моменти кога чувствуваме дека сакаме да се откажеме. Но, ние продолжуваме да се бориме! Можеби сега само се прашуваме „зошто и до кога сето ова?!“ Можеби ова се и денови кога луѓето се обидуваат да ја тестираат нашата интелигенција, вештини, знаења и повикот за да бидеме таму каде што треба да бидеме. Има моменти кога ги преиспитуваме нашите способности, а со тоа и нашата совест и разум, но и покрај се ние можеме да се издигнеме над сето тоа. Ќе се издигнеме бидејќи нашата сила како медицинска сестра не е одредена само од едно ниво или од една задача или обврска – тоа е незапирливо патување кон учењето, честа и шансата во овие моменти да се направи макар и најмала разлика во животите на нашите пациенти. И додека сите околу нас се дома, само ние со своите колеги продолжуваме по патот на оваа битка. Ова е НАША година! Ова е НАША интернационална недела на сестринството! Ова е НАШ момент! Денес е нашиот ден, а и утре исто така! Ние сме горди на нашиот повик. Почитувана наша Флоренс, знам дека сето ова го гледаш од некаде и се надевам дека си горда на ... НАС !..  

 

Со бескрајна почит,

Елизабета Настеска

ЗМСТАС - ЗА НАС

 

Пребарување

Категории

Актуелно

СЕ ОДРЖА ПРВИОТ СИМПОЗИУМ НА ДРУШТВОТО НА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ЗА ПРИМАРНА ЗАШТИТА
22.3.2024
Почитувани, ве известуваме дека вчера се одржа Првиот симпозиум на Друштвото на медицински сестри за примарна заштита на тема: Право време за движење напред: Нови професионални перспективи, во организација на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Види детали

Тагови

Архива на вести