ВИ БЛАГОДАРИМЕ! НАШЕТО ЗДРАВЈЕ Е ПРЕДУСЛОВ ЗА ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ.

Почитувани членови сигурно сте веќе информирани дека група ентузијасти несебично секојдневно изработуваат визири за потребите на медицинските тимови во нашата држава. Идејата за изработка велат ја добиле откако од медиумите дознале дека има недостиг на заштитна опрема за здравствените работници.

Првичната идеја за рамка за визир направена на 3Д принтер е од Чешка, од фирма која произведува 3Д принтери, а благодарение на голем број волонтери доволни беа само неколку дена за да стигне до нас.




Од 360stepeni.com известуваат дека токму оваа иницијатива потекнала од Александар Каревски, доктор во болницата „8 Септември“ во Скопје, со само еден пост на „Фејсбук“, за сега да ја поддржат многумина сопственици на 3Д-принтери во земјава. Со здружени сили веќе стигнуваат до производство од околу 500 визир-маски дневно. 

„Овие визири перфектно го штитат лицето на медицинскиот работник. Второ, ја заштитуваат и маската којашто ја носи, значи истата има поголема трајност затоа што хируршките маски имаат ограничена трајност кога се носат. Оваа маска заштитува од флагелови капки коишто кога некој искашлува или кувнува се исфрлаат во воздухот, за да не стигнат до лицето и до маската којашто ја носи здравствениот работник и воопшто после тоа да не ги пренесе на своето лице, случајно, со допир, којшто допир ние и не можеме да го контролираме зашто неколку илјадници пати во текот на денот ние по навика, без да приметиме, си го допираме лицето“,

вели д-р Александар Каревски.

Маските се од таков материјал што пред и по употреба можат да се дезинфицираат со соодветни средства за повторно да се користат. 

„Овие маски се првично наменети за медицинските лица коишто имаат директен контакт со пациентите, првичниот контакт кога сè уште не знаете дали е пациентот заразен, ризичен или не, особено за медицинските лица кои работат со пациенти кои се потврдено заразени со вирусот. Но нашата идеа и желба е сите медицински лица за време на пандемијава да имаат по една заштитна маска. Ние добиваме барања од граѓани и од други комерцијални субјекти кои сакаат да ги добијат овие маски, но би сакал уште еднаш да им нагласам дека овие маски ниту ќе се продаваат, ниту се продаваат и ќе одат само како донација на медицинските установи“, 

вели д-р Александар Каревски.

Унијата на ЗМСТАС предводени од здружението „За нас“ сака јавно да им се заблагодари на сите граѓани кои ја потпомагаат иницијативата за донација и изработка на заштитна опрема водејќи се единствено по својата хуманост.

 






Извори: МКД Медиа

Подготвил:
Даниел Стојмановски
Лице за односи со јавноста и комуникација со медиуми